link to homepage logo

16.02.2022

Како да оформам декоративна кутија за светла

Во следната статија ви даваме повеќе информации како сами да изградите декоративен елемент тип “кутија” за вградени светла.

Производи и алати кои се потребни:

Стандардна плоча Тип A
Премиум Профил CD
Премиум Профил UD
Брз шраф TN 3.5x25
Брз шраф TEX TN 4.2x13
Сидрест клин 6x40 или шраф за гипс картон TN 5.5x38
Метро
Нивелир
Ножици за лим
Шрафилица
Круна за отвори 67 mm
Ренде за гипс-картон

Пред започнувањето на монтажата потребно е да биде изградена електричната мрежа, која ќе ги напојува светилките.
Првиот чекор е со молив, метро и нивелир каде се одбележува позицијата на декоративната кутија на плафонот и ѕидот.
Стандардните димензии се 20 см ширина и 20 см височина на кутијата, додека должината се определува според вашите желби и карактеристиките на просторијата.

Потоа пристапуваме кон размерување на првиот Премиум профил UD, кој ќе биде дел од основната конструкција на кутијата. Премиум профилот UD се монтира кон основниот плафон со помош на сидрест клин 6х40, кога плафонот е масивен или шраф за гипс картон TN 5.5x38, кога основата е од гипс-картон. Кај двата видови на завртки растојанието за шрафење треба да е 500 mm.

После монтажата на UD профилот кон плафонот се монтира челната ивица од гипс-картонска плоча со широчина од 20 см. Фиксирањето се врши со Брз шраф 3.5х25. Пристапуваме кон монтажа на вториот Премиум профил UD кон ѕидот со сидрест клин, кај масивни ѕидови или шраф за гипс картон TN 5.5x38, кога основата е од гипс-картон.
Третиот Премиум профил UD се фиксира кон првата веќе монтирана ивица од гипс-картонска плоча.
За стабилизирање на веќе изградената конструкција од UD профили се монтираат дополнителни Премиум CD профили на растојание од 50 см, со помош на Брз шраф ТЕХ TN 4.2x13 на двата краја. Внимавајте да позициите на CD профилите не бидат на посакуваните места од светилките.

Следува монтажа на долниот дел на кутијата од втората ивица на гипс-картонска плоча со широчина од 20см. Фиксирањето повторно е со Брз шраф 3.5х25 на 25 см растојание.
За да се оформи прав и добар агол на кутијата потребно е да се измазнат краевите на плочата со ренде за гипс-картон.

Финалната постапка е бушењето на отвори за светилките, со помош на круна за отвори со дијаметар кој одговара на самите светилки.

Не пропуштајте да ги изгледате и деталните чекори во видеото подолу.