Како да се изработи конзолна кутија за осветлување кај гипс-картонски ѕидови?

2020-08-12 14:13:00

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Во оваа видео ви презентираме како да се изработи единечна конзолна кутија за осветлување во гипс-картонски ѕидови.

 

Првично потребно е да биде завршена монтажата на металната конструкција на преградниот ѕид и опшивката од гипс-картонски плочи од едната страна на ѕидот.

Преку специјално перфорираните H-отвори во CW профилите се вметнува PVC флексибилно црево, низ кое треба да поминат каблите за електрика. Во случаи кога се користат UA профили потребно е да се направи отвор во профилот со помош на конусен завршеток при бушењето. Стандардното растојание за хоризонтална монтажа на каблите за осветлување е на 40 см од таванот. 

Вообичаената позиција е на делот од ѕидот каде вратата се отвара и тоа на растојание од најмалку 15см од самиот отвор. Висината на монтирање на прекинувачот е 90-140см од готовиот под и се определува во зависност од потребите на корисниците.

По монтирањето на каблите во флексибилното црево се монтира минералната волна за изолација и се затвора втората страна од ѕидот со опшивка од гипс-картонски плочи.

Следниот чекор е маркирање на позицијата на прекинувачот за осветлување на веќе поставената гипс-картонска плоча. Со помош на специјална дупчалка со дијаметар од 67mm се прави отвор во самата плоча, кој дијаметар одговара за стандардна дозна за електрика во сува градба. Во така формираниот отвор се монтира прекинувачот за светлото.